СБ го поддржа прелиминарниот проект за КОВИД-19, може и да се надополни, вели Филипче

Светска банка го поддржа прелиминарниот предлог проект за подобрување и надградување на здравствената инфраструктура за брз одговор и справување со КОВИД-19. Тие се флексибилни и проектот може да се надополни. Со него подобро ќе одговориме на предизвикот, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој денеска одржа работен состанок со експерти од Светска банка.

На состанокот на кој Филипче ги образложил сите аспекти од страна на Светска банка присуствувале водечкиот специјалист за здравство Доминк Хазен, одговорната за програмите за човечки развој во канцеларијата на СБ во Скопје Бојана Нацева, специјалистот за набавки Антониа Виачка, како и виш специјалист за општествен развој Беким Имери, специјалистот за животна средина Ивана Новаковиќ и програмскиот асистент Јасминка Шопова.

-Светска банка го поддржа прелиминарниот предлог проект, кој има одличен концепт за справување со здравствената криза предизвикана од коронавирусот. На состанокот ги образложив сите аспекти кон покривање на итните потреби на здравствениот систем, а тоа е зајакнување на капацитетите на системот за соодветно менаџирање на случаите со ковид-19. Проектот е насочен кон подобрување на дел од здравствените установи, но и обезбедување на лабораториска опрема. Жалам што дополнителната заменичка министерка за финансии целиот овој изминат период го блокираше проектот, а со тоа се ставија во ризик пациентите. Нашиот предлог план е поддржан од страна на Светска банка, но истиот може и да се надополни, тие се флексибилни. Пациентите се на прво место. И токму затоа, со овој проект, ќе го зајакнеме нашето јавно здравство, но и подобро ќе одговориме на предизвикот со ковид-19, изјави министерот Филипче, соопшти попладево Министерството за здравство.

Новиот проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, е проектиран на износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување зголемување на капцитетите за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање случаи и следење контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата  се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надомест за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

Back to top button
Close