СБУ уапси двајца агенти на руското разузнавање кои планирале експлозија во центарот на Киев

Службата за безбедност на Украина (СБУ) и украинската полиција уапсија двајца агенти на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кои планирале да предизвикаат експлозија во една од административните згради во центарот на Киев, а потоа да побегнат во Русија, јави Укринформ, повикувајќи се на СБУ.
Истрагата откри дека осомничените поставиле импровизирана запалива направа наменета да го запали и да предизвика експлозија на генератор во близина на административната зграда. Планот им бил да ја активираат направата од далечина, додека патуваат кон Белорусија, од каде што планирале да преминат во Русија.
Утврдено е дека по поставувањето на направата, агентите се качиле на патнички воз кон Черниговската Област. Оттаму планирале нелегално да ја преминат границата по реката Днепар со чамец на надувување. Службениците на органите на редот однапред ги откриле сторителите, ги документирале нивните кривични дела и ги уапсиле во возот.
Според материјалите од случајот, нападот бил планиран од жители на Киев, регрутирани од ФСБ. Едниот од нив е воено лице кое дезертирало од својата воена единица, а другиот е специјалист по маркетинг од главниот град. Двајцата привлекле внимание на руските разузнавачки служби преку канали на „Телеграм“, каде што објавувале коментари во поддршка на режимот во Кремљ. Руските служби им ветиле дека доколку ја исполнат мисијата, ќе ги евакуираат на руска територија и подоцна ќе ги вработат во ФСБ.
За да го извршат нападот, агентите добиле инструкции како да изработат импровизирана запалива направа, која ја поставиле под генератор во Шевченковскиот Реон на главниот град. Според планот на руската страна, експлозијата на индустриската опрема требало да предизвика значителни штети на соседната административна зграда.
Покрај тоа, двајцата мажи инсталирале скриена камера со далечински пристап за ФСБ, поставена спроти местото на планираниот напад. За уништување на доказите, осомничените ја опремиле со втора експлозивна направа, која планирале да ја активираат по експлозијата на генераторот.
За време на претресите, властите одзеле смартфони од уапсените, кои содржат докази за соработката со непријателот, како и чамец на надувување наменет за планираното нелегално преминување на државната граница.
Утврдено е дека пред да го извршат нападот, тие извршиле низа пробни операции. Конкретно, сторителите создале скривалиште со оружје и муниција во шумско подрачје на периферијата на Киев и му ги испратиле географските координати на ФСБ за понатамошна употреба во други подривни активности.
СБУ презела мерки за обезбедување на објектите на вооружените сили на Украина кои претставуваат интерес за непријателот, во рамките на зоната на дејствување на агентите.
Истражителите ги известија двајцата мажи дека се осомничени за извршување кривични дела согласно Кривичниот законик во врска со завршен обид за терористички акт. Во моментов се разгледува прашањето дали нивните дејствија дополнително ќе се квалификуваат како државно предавство извршено во услови на воена состојба.






