СДК: Владимир Tодоровиќ и жена му обвинети за лажен исказ, таа на друг сведок на пишала што да прочитa пред суд

Скопското јавно обвинителство поднело обвинение против поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ за давање лажен исказ пред суд.

Второобвинета е неговата сопруга за кривично дело попречување на правдата, откако обвинителката Ленче Ристоска кај друг сведок фатила лист на кој обвинетата му напишала што да излаже пред судот.

За делото давање лажен исказ на Тодоровиќ му се заканува казна од минимум 4 години затвор. За попречување на правдата за кое е обвинета неговата сопруга, казната е од една до 5 години затвор.

Тодоровиќ е обвинет за давање лажен исказ во судскиот процес „Талир“, каде Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска се обвинети за незаконско стекнување на пет милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ, кои потоа ги испрале преку уплатници со ист ракопис што ги пополнувале во име на партиски членови, без нивно знаење.

Во овој предмет на крајот на 2020 година меѓу бројните бизнисмени кои сведочеа како од Груевски во Владата им биле вршени притисоци за пари, беше и Тодоровиќ. На изненадување на обвинителката Ристовска, на судењето Тодоровиќ го смени исказот даден во истрагата.

Во истрагата, сведокот Тодоровиќ тврдел дека бил викнат во Владата и таму му се заканувале дека мора да искешира десетици илјади евра за партијата. На судскиот процес тој даде различна изјава, дека во една релаксирана атмосфера бил прашан дали има и во рамки на можностите да донира за партијата. Обвинителката воочила дека изјавата пред суд под заклетва, е суштински различна од таа во истрагата, во однос на постоењето на кривичното дело во обвинението во точка 1 за „Талир“ за притисоци врз бизнисмени, што им се става на товар на обвинетите.

Сопругата на Тодоровиќ пак, за да обезбеди поткрепа на неговиот лажен исказ даден пред судијата Осман Шабани во Основниот кривичен суд, се досетила да дојде до сведокот на заканите во Влада. Ја нашла всушност неговата сопруга и во рака ѝ дала лист хартија на која напишала што да прочита маж ѝ пред судијата Шабани.

На листот обвинетата напишала:„Кажи дека не му се заканувале!“.

Обвинението е испратено на оценка во Основниот кривичен суд.

Back to top button
Close