СДС треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ
Не е изненадување што СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и полувистини. Веќе станува повеќе од јасно дека освен Халеевата комета константни се единствено предавствата на СДС. Кога се на власт оваа корумпирана клика ја продава државата, а кога се во опозиција, прават сѐ за да ги опструираат институциите и да ја кочат Македонија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат.
Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста.
СДС треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ. Доколку тие имаат некаква желба да бидат конструктивни, нека престанат со клеветите и нека се посветат на реалната поддршка на македонските интереси.
Ние ќе продолжиме да се бориме за Македонија, за нашето знаме, за нашиот народ и за нашата гордост – нешто што СДСМ очигледно одамна го заборави“ наведуваат од владејачката партија.