СДСМ: Јанакиески ја призна незаконската набавка на автобусите, а Мицкоски сака да направи иста таква

Асистентот за јавни набавки на Данела Арсовска, Христијан Мицкоски, најави дека преговарал со компании за набавка на нови автобуси и веќе се подготвувала тендерската документација. Ова е многу слично како и набавката на кинеските автобуси за која денеска има признанија за сторени кривични дела, реагираат од СДСМ

Денешните признанија на обвинетите во судскиот случај „Дизајн“ потврдуваат дека набавката на кинеските автобуси за потребите на ЈСП „Скопје“ е незаконска и на штета на Градот Скопје, реагираат од СДСМ откако денеска во Основниот кривичен суд во Скопје ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и две обвинети признаа вина и добија условни казни затвор.

„Обвинетите признаа дека ја злоупотребиле службената положба за да ја фаворизираат конкретната компанија, со што го оштетиле државниот буџет за скоро пет милиони евра. Од друга страна асистентот за јавни набавки на Данела Арсовска, Христијан Мицкоски, најави дека преговарал со компании за набавка на нови автобуси и веќе се подготвувала тендерската документација. Без никаква надлежност, без никакви услови и критериуми, Мицкоски, во име на Град Скопје најавува набавка на нови автобуси за потребите на ЈСП. Ова е многу слично како и набавката на кинеските автобуси за која денеска има признанија за сторени кривични дела“,велат од СДСМ.

Денешните признанија, велат од партијата, треба да им бидат мотив на институциите да истражат и да спречат нова криминална набавка на автобуси.

За Јанакиески и две обвинети кои биле дел од Комисијата за јавни набавки за двокатните кинески автобуси условната казна е по две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не сторат ново кривично дело.

Во случајот како уште еден член на тогашната Комисија обвинет е и актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој на денешното судско рочиште рекол дека не го разбира обвинението и се изјаснил за невин, па за него судењето ќе продолжи со ново судско рочиште закажано за 28 март.

Back to top button
Close