СДСМ: Јаулески не живее во станот каде што се вршел претрес, туку во стан што го плаќа Собранието
Пратеникот Јован Јаулески не живее во станот каде што се вршел претрес од Финансиската полиција, лагата на ВМРО-ДПМНЕ значи заштита на криминал, велат од СДСМ.
Реакцијата од владејачката партија доаѓа откако самиот пратеник Јаулески, а и ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека претресот се врши во домот на пратеникот.
„ВМРО-ДПМНЕ уште рано утрово пласираат невистини, оркестрирано ја лажат јавноста во врска со отворената предистрага од страна на Финансиската полиција. Пратеникот Јован Јаулески излажа дека во неговиот дом Финансиската полиција вршела претрес. Како што јавно објави Финансиска полиција, претресот бил направен во стан на неговиот татко каде Јован Јаулески воопшто не живее. Во меѓувреме во медиумите се појавија документи кои покажуваат на која адреса живее Јован Јаулески, односно стан кој го плаќа Собранието, за којшто граѓаните плаќаат 330 евра месечно. Згора на се, Јаулески зема и патни трошоци“,
пишува во реакцијата на СДСМ.
Од Управата за финансиска полиција претходно демантираа дека влегле во домот на пратеникот.
„Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома ниту, пак, кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени во ’ЕВН електрани‘ ДООЕЛ и ’ЕВН Македонија‘ АД Скопје“,
соопштија од финансиската полиција.
Според неофицијалните информации што веќе ги објавивме, пратеникот кој е по потекло од Струга има пријавено живеалиште во Скопје, но на друга улица, различна од адресата на неговиот татко каде е правен претрес.
Покрај во домот на таткото на Јаулески, претреси се прават кај повеќе лица во Скопје и Делчево. Станува збор за активности во рамки на предистрага отворена поради сомнение за извршени сомнителни трансакции на пари помеѓу ЕВН и повеќе физички лица.