СДСМ: Јавното обвинителство да истражи како Игор Јанушев добил подарок од 325 000 евра

Опозициската СДСМ побара Јавното обвинителство итно да отвори предмет откако генералниот секретар на Владата, во својот анкетен лист, пријавил дека поседува земјиште во Центар со вредност од 325 000 евра кое го стекнал со договор за подарок.

„Вакво перверзно легализирање на криминално стекнати пари досега не е забележано во македонската политика. Ова е за златен медал.

Не може ништо различно да се очекува од Јанушев, кој еднаш е веќе осуден криминалец. Дали овој човек е промената која ВМРО-ДПМНЕ ја вети? Дали институциите ќе реагираат?“ изјави Менде Илиевски, советник на СДСМ во Советот на Општина Битола.

Според Илиевски, случајот е доказ дека „волкот го менува влакното, но не и карактерот“. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ била и останала партија на криминалци влезени во политиката за да се богатат на грбот на граѓаните.

„Џабе се понадеваа граѓаните, кои во огромен број го гласаа ВМРО-ДПМНЕ, дека можеби ова е некое ново, променето ВМРО-ДПМНЕ. Така лажеше Мицкоски…

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е еклатантен пример на вечен криминалец во политиката. Човекот кој беше осуден за 5-милионски криминал во ЈСП, денес е прв човек во Владата после Мицкоски. И што може да се очекува од осуден криминалец освен да продолжи онаму каде што застанал“ изјави Илиевски

Back to top button
Close