СДСМ бара свикување итна вонредна седница на Советот на Општина Кисела вода

Соопштение на СДСМ Кисела вода

По трагичниот и вознемирувачки настан што се случи во Општина Кисела Вода, кој ја потресе јавноста и отвори сериозни прашања за безбедноста на градежните активности во општината, бараме итно свикување на вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода.

Потсетуваме дека советничката група на СДСМ веќе алармираше за состојбите на истата локација, особено во однос на сечата на дрва и сомнителните градежни активности. Игнорирањето на тие предупредувања денес резултира со последици кои не смеат да се релативизираат.

Бараме на вонредната седница да се донесат следните одлуки:

• Формирање на независна стручна комисија составена од релевантни експерти, која ќе изврши целосна проверка и евалуација на сите издадени одобренија за градба на територијата на општината;

• Итно воведување мораториум на градежни активности, сѐ до моментот кога стручната комисија јасно ќе утврди дека издадените дозволи и тековните градилишта не претставуваат ризик по безбедноста на граѓаните;

• Целосна транспарентност во процесот, со јавно објавување на сите наоди и документи поврзани со издадените дозволи.

Дополнително, бараме од општината:

• Итно да преземе мерки за евакуација на сите лица и објекти кои се во потенцијален ризик во близина на спорната локација;

• Да донесе итна одлука за санација на последиците, како и обезбедување соодветна помош и поддршка за погодените жители.

Ова не е прашање на политика, туку на одговорност. Секое одложување значи директно загрозување на безбедноста на граѓаните. Очекуваме итна реакција и преземање конкретни чекори.

 

Back to top button
Close