СДСМ: Царот е гол!

Царот е гол“. Со оваа метафора од познатата бајка, опозициската СДСМ денеска излезе со жесток брифинг до јавноста, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека не е самостоен лидер, туку „марионета под директно влијание на Белград“. Социјалдемократите тврдат дека владата на коалицијата ВМРО-ЗНАМ слепо ги копира авторитарните методи на Александар Вучиќ, доведувајќи ја земјата во опасност од регрес, изолација и меѓународни санкции.
Според СДСМ, апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД предизвикало паника кај Вучиќ, а следствено и кај Мицкоски, поради страв дека тие би можеле да бидат следни на листата за санкции поради корупција и криминал.
„Малиот Вучиќ“ и стравот од Трамп
Во партиското соопштение, СДСМ го нарекува Мицкоски „малиот Вучиќ“, истакнувајќи дека тој покажува дволичност во однос на меѓународната политика – јавно ја поддржува акцијата на САД, но истовремено зборува за кршење на меѓународното право, копирајќи го наративот на српскиот претседател.
„Американскиот претседател Трамп најавува понатамошни акции… Овде не е крајот, очигледно постои некоја подолга листа. Северна Македонија, Србија и Црна Гора ги чека примена на нова американска политика против криминал и корупција, со проширување на ’црната листа‘“, предупредуваат од СДСМ, повикувајќи се на новиот американски Закон за демократија на Западниот Балкан.
Обвинувања за „Алта Банка“ и перење пари
Опозицијата изнесува тешки обвинувања за економски криминал и поврзаност на владејачката коалиција со сомнителен капитал од Србија. Како конкретен пример ја посочуваат „Алта Банка“, чиј сопственик Давор Мацура е близок до Вучиќ.
„Оваа банка е обвинета за перење пари од корупциски шеми во Србија, а нејзиното влегување во Македонија (преземање на Стопанска Банка АД Битола) е овозможено само неколку месеци по доаѓањето на власт на ВМРО-ЗНАМ. Ова е ’банка на Вучиќ‘ која стана банка за бизниси на Мицкоски“, тврди СДСМ.
„Мигранти за пари“ и сценарио за брзи избори
СДСМ предупредува на наводен таен договор на Владата за прифаќање мигранти со криминално досие во замена за финансиска помош и зачувување на власта, што, според нив, трајно ќе ги запре ЕУ интеграциите. Партијата тврди дека власта планира „ненадејни, ненајавени, блиц – предвремени избори“ за да ја фати опозицијата неподготвена и да добие мандат за имплементација на овој план.
„За ВМРО да го реализира овој договор, потребно е да се организираат избори и да се добијат уште четири години. Објаснувањето ќе биде по моделот на Вучиќ: ’опозицијата бараше – еве и доби избори‘“, се вели во брифингот.
Медиумски мрак и „Српски свет“
Опозицијата обвинува дека Македонија се претвора во „Венецуела на Европа“ по теркот на Србија, каде слободата на медиумите се гуши, а политичката пропаганда се финансира со државни пари. Тие потсетуваат на предупредувањата од „Freedom House“ и „Reporters Without Borders“ за притисоците врз новинарите.
СДСМ заклучува дека Мицкоски дозволува реализација на проектот „Српски свет“, блокирајќи го напредокот кон ЕУ преку вештачки конфликти со соседите, само за да избегне европска контрола врз домашното правосудство.
„Време е да се разбудиме. Царот е гол! Време е да го симнеме од престолот!“, порачуваат од СДСМ.






