СДСМ: Целосен дебакл на надворешната политика – Владата не знае каде тера
После една година од изборите и речиси цела година од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучокот за меѓународната политика и дипломатијата е поразителен, велат од СДСМ.
„Ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето.
Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси.
Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех.
Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда.
За време на мандатот на СДСМ, Македонија напредуваше во европската интеграција.
Денес сме зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Тоа е вистината. Молдавија го завзема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност.
На секое поле во меѓународната политика е хаос, владата не знае каде тера.
Власта не успеа да покаже конзистента и државничка политика со стратешките парнери ЕУ и САД.
Посетите на премиерот Мицкоски во САД се сведоа на фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени – без конкретен бенефит за државата.
Наместо успех и „влегување во периметарот“ добивме маргинализација и царини највисоки во регионот.
Нема никаков успех на меѓународен план, затоа што воопшто и не се работи.
Додека земјите од регионот водат дипломатска агресивна агенда преку средби со високи државници, нашата дипломатија е сведена на бирократски протокол и импровизација, без стратегија и реална надворешно-политичка визија.
Министерот за надворешни работи, Муцунски, за една година не покажа никаков резултат, нема ниту еден успех.
Единствен потег што го направи е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри.
Сето тоа кулминира со обидот за противуставно менување на Законот за надворешни работи, со цел Владата да го преземе и последниот збор во дипломатијата, исклучувајќи го Претседателот на државата.
Македонија нема амбасадори во клучни европски држави: Франција, Италија, Данска, Белгија, Романија, Унгарија, Естонија.
Нема амбасадори во НАТО, Женева, Њујорк. Воедно Владата нема назначено ниту Генерални конзули во важни конзулати како Солун, Мелбурн, Њујорк, Детроит, Торонто.
Дури и во Кралството Данска, држава што од 1 јули ќе претседава со ЕУ – Македонија нема предложено амбасадор.
Дипломатско-конзуларните претставништва се речиси нефункционални, а дипломатите сами, без поддршка, се борат да ја претставуваат државата.
Ова е дипломатски срам, ова е целосно потфрлање на македонската дипломатија.
СДСМ е партија што ја доведе државата најблиску до ЕУ, и ќе продолжи да се бори – за отворање на поглавјата, за активна надворешна политика, и за Македонија како рамноправен партнер во НАТО и ЕУ“, изјави на прес-конференцијата на СДСМ, Фатон Бејта – Комисија за надворешни работи.