СДСМ: Данела Арсовска избега од дебата и нè потсети на мрачното минато на ВМРО-ДПМНЕ
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, синоќа не се појавила на закажаната телевизиската дебата со нејзиниот противкандидат Петре Шилегов, велат од СДСМ. Според нив, одбивањето да се дебатира потсетува „на старата практика на ВМРО-ДПМНЕ, односно, кога немаш решенија, аргументи или проекти, кога пораките се само евтин популизам, не се оди пред оние што треба да те изберат“.
„Сите добро знаеме како тоа се завршуваше во поновата историја и на Скопје и на Македонија – со измама на гласачите и назадување на градот. Избегнувајќи ја дебатата, г-ѓа Арсовска уште еднаш покажа дека не ѝ се важни гласачите бидејќи не сака аргументирано да објасни што всушност им нуди на граѓаните и на Скопје. Таа покажа и дека се плаши од отворен, директен дуел со Петре Шилегов бидејќи е свесна дека празни ветувања во дискусија ‘еден на еден’ не можат да поминат – велат од СДСМ.
Тие додаваат дека Арсовска се плаши да излезе пред граѓаните бидејќи нема решенија ниту за основните комунални и социјални прашања, а во дебата ова би било повеќе од очигледно.
„На Скопје му требаат одговорни и транспарентни политичари, политичари кои ги застапуваат вистинските интереси на скопјанките, скопјаните и Скопје, политичари кои ги почитуваат своите граѓани и пред кои се отчетни за своето водство. Тоа е минимумот што кандидатите за градоначалници им го должат на нашите граѓани. Данела Арсовска свесно го игнорира тој факт, кој е етичка обврска кон скопјани. Свесно го игнорира, што е недозволиво – велат од СДСМ.