СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Бадијала лажете, извештајот на ОЛАФ ги потврдува вашите злоупотреби со „Еразмус +“

Бадијала лажете, извештајот на ОЛАФ ги потврдува вашите злоупотреби со „Еразмус+“. Вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагира на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која беше кажано дека сè уште нема одговорност за, како што велат, сомнителните случаи во кои лица блиски до СДСМ, членови на партијата, судии и професори се наполниле со проекти вредни стотици илјади евра.

Од СДСМ нагласуваат дека извештајот на ОЛАФ содржи основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски пари со повеќе од 50 физички и правни лица од Македонија и пет други земји членки на ЕУ.

Дополнително, како што повторуваат од СДСМ, отворени се и сомнежите за тоа како биле распределени над осум милиони евра во периодот 2014–2017 година, токму кога Ана Михајлов и Дорина Ѓорчева Митровска биле евалуаторки во Агенцијата.

„Со очајни напади врз СДСМ, власта не може да ја прикрие вистината. Дури и градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, јавно ја демантираше сопствената партија“,велат од СДСМ од каде што додаваат дека е јасно како ден е дека ВМРО-ДПМНЕ ги штити милионските криминални шеми во „Еразмус+“.

Обвинувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу Националната агенција за европски образовни програми и мобилност траат неколку дена.

Од СДСМ изминатите денови изнесоа, како што велат, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

Тие рекоа дека назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија.

Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваат со контраобвинувања од каде велат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација за да им додели грантови на свои партиски кадри.Валентин Манасиевски во понеделникот потсети на, како што рече, скандалот во кој поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и поранешниот премиер Зоран Заев доделиле два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра за дресура на магариња и правење сирење.

Денеска Манасиевски обвини дека поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и поранешниот премиер Зоран Заев ги доделите неколкуте грантови вредни над 270 илјади евра за медиумска писменост, на фризерско студио, во период од три години.

 

Back to top button
Close