СДСМ ќе ја повика европската обвинителка Лаура Ковеши да ги испита наводните злоупотреби на ИПАРД-фондовите

СДСМ најави дека ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со, како што тврдат од партијата, сериозни малверзации со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, за кои ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите што ги прави ВМРО-ДПМНЕ со европските пари“, соопштија од СДСМ, нагласувајќи дека ја губат довербата во домашните институции.

 

Според партијата, причините се двојни – постојан политички притисок врз институциите и, како што наведуваат, обиди на власта да ги заштити своите функционери од одговорност. „Немаме доверба во институциите, бидејќи врз нив секојдневно се врши притисок и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон“, се вели во реакцијата.

 

Од СДСМ потсетуваат и на, како што го оценуваат, конкретен сигнал за корупција, посочувајќи дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој бил уапсен поради сомнежи за злоупотреби поврзани со европски средства. „Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство“, наведуваат од партијата.

 

Во таа насока, СДСМ најавува дека ќе се обрати до Европското јавно обвинителство, кое, како што наведуваат, е надлежно за истраги поврзани со злоупотреба на средства од европските фондови, вклучувајќи ја и ИПАРД програмата. „Ова не е темен вилает во кој некој може неказнето да си игра со судбината на државата и да ги краде граѓаните“, порачуваат од СДСМ.

Партијата потсетува дека Европското јавно обвинителство е независно тело на Европската Унија, задолжено за истраги и гонење на кривични дела што ги загрозуваат финансиските интереси на Унијата, меѓу кои измами, корупција и перење пари поврзани со фондови како IPARD, дел од претпристапните ИПА-средства.

„Работата сè уште не е завршена“, порачуваат од Антикорупцискиот тим на СДСМ.

Back to top button
Close