СДСМ ќе избира нов лидер на 30 јуни

Извршниот одбор на СДСМ на денешната седница донел одлука вонредните внатрепартиски избори за претседател на партијата да се одржат на 30 јуни, по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.

„Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација. На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија“,информираат од СДСМ.

По поразот на двојните претседателски и парламентарни избори што се одржаа на 8 мај, првиот човек на СДСМ Димитар Ковачевски најави целосна реформа на партијата и избор на нов партиски лидер и раководство.

За Ковачевски изборниот резултат е разочарувачки, најави избори на нов лидер и раководство, како и на сите партиски тела и органи

Тој минатата недела и официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција на партијата.

Во дописот кој Ковачевски го доставил до Извршниот одбор и до претседавачот на Централниот одбор, тој посочува дека повлекувањето од лидерската позиција во партијата е високо морален чин во контекст на изборниот пораз на СДСМ и врз основа на, како што вели, пасивноста на дел од членовите и симпатизерите на партијата, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и локално ниво.

„Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, сè до општинските органи на раководење на партијата. Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех“пишува, меѓу другото, Димитар Ковачевски во дописот испратен до ИО и ЦО на СДСМ

Back to top button
Close