СДСМ: Филипче нема ни квадратен метар повеќе од претходно


Откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини за нерегуларности во анкетните листови на пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, од неговата матична партија посочија оти тој го има пријавено истиот имот со истата квадратура и вредност во двата анкетни листа.

„Филипче нема ни метар квадратен повеќе имот и ВМРО-ДПМНЕ ова го знае, но намерно лаже. Разликата која се појавува е заради начинот на пријавување на имотот во ДКСК. Со новиот начин потребно е да се приложат имотните листови, а не вкупниот имот. Така, становите кои имаат по два имотни листа како споени станбени единици, сега се прикажуваат како два имоти“,
велат од партијата на Венко Филипче.

Од СДСМ оценија дека ВМРО-ДПМНЕ шири дезинформации, а последната лага, како што велат, се наводно непријавените пет станови на партискиот лидер Венко Филипче.

„Потребата по секоја цена да се измисли скандал без притоа да се проверат основните факти за тоа како функционира пријавувањето на имот, потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ не планира да се занимава со истрага на криминал, туку со оцрнување и секојдневно заморување на јавноста со лаги. Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми опозиција и слободно да го докаже спротивното“,
додаваат од СДСМ.

Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека имотот што го поседува пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, е стекнат пред 2018 година, но не бил пријавен во анкетиниот лист кога станал министер. Имотот, пак, што го пријавил во 2018 година не го пријавил сега, а не пријавил ниту остварени приходи од продажба.

Back to top button
Close