СДСМ го обвини Мицкоски за „забеган наратив“ околу трагедијата во Кочани

Сериозно загрижува нервозата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски кој од прославата на младинската организација на неговата партија, на висок тон, видно гневен продолжи да ги

навредува луѓето и родителите кои секоја сабота мирно маршираат во Кочани барајќи правда за своите деца и помош за повредените, реагира СДСМ.

„Во својата забеганост Мицкоски денес од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во „политичка партија“. Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства.

Забеганоста на ваквиот наратив е и во фактот што Мицкоски ја покажа својата лутина и гнев кон родителите, недостасуваше уште да ги обвини за трагедијата и за неговиот рејтинг. Мицкоски се дрзна да ги споменува и жртвите во случајот со Мартин Нешковски, малата Тамара но и Смилковско Езеро. Ова е некрофилија и јавен линч врз жртвите од трагедии, за кои Мицкоски вели дека се некрофили и негови политички непријатели“, соопштија од партијата на Венко Филипче.

Инаку, Мицкоски на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, изјави дека „историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија“.

-Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори. Паралелно со ова што тие го говорат тече и прекинот суд на прес-конференции на СДСМ“, рече премиерот Мицкоски.

Воедно, тој најави дека интензивно работи на проект кој ќе биде од, како што рече, историско значење за градот.

Back to top button
Close