СДСМ го злоупотребува судството, ние ќе донесеме промени, вели ВМРО-ДПМНЕ по пресудата за „Титаник“

Од случајот „Титаник“, според опозициската партија, може да се види како функционира системот на изнуда на СДСМ

Пресудите во таканаречениот предмет „Титаник“ се потврда дека Димитар Ковачевски продолжува со политиките на Зоран Заев, за злоупотреба на правосудните институции за партиски цели, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако нивни поранешни функционери и членови признаа вина и денеска добија затворски и условни казни во овој случај кој се однесува кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните и локалните избори од 2011 до 2014 година.

Од опозициската партија реакцијата се однесува и на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која кажа дека со пресудата се потврди злосторничкото здружение на ВМРО-ДПМНЕ и изборниот поткуп и фалсификувањето на волјата на граѓаните.

СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ, го злоупотребува судството, а тие се оние што ќе донесат промени.

„Богданка Кузеска доаѓа од партија чиј претседател е амнестиран за криминал. Не видовме никој од СДСМ да побара оставка од Заев. И во овој момент очекуваме да одговори Богданка Кузеска дали СДСМ ќе пазари од најновата фирма на наследникот на Заев, Душко Заев. Колку 18 годишници во Македонија може да тераат милионски бизнис? Сè што прави СДСМ е злоупотреба на судството за политички прогон, во ВМРО-ДПМНЕ е нова генерација која ќе донесе промени“, пишува во реакцијата од опозицијата.

Од случајот „Титаник“, според партијата, може да се види како функционира системот на изнуда на СДСМ.

„Во изминатиов период немаме никаква разрешница за Драги Рашковски, Ден Дончев, Зоран и Вице Заев, ниту многубројните други функционери од врвот на власта кои во изминатиов период злоупотребуваа институции. И сега системот на заплашување и изнуди функционира за да можат Заеви и другите моќници од СДСМ да отвораат фирми и милионски бизниси за да профитираат на грбот на народот. Паниката во СДСМ е од новата генерација во ВМРО-ДПМНЕ. Луѓе кои се непоколебливи и одлучни да расчистат со криминалот и корупцијата во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Денешната пресуда во „Титаник“, за која реагираат двете најголеми партии, дојде откако на минатото рочиште осуммина од 20-ина обвинети во овој предмет решија да признаат вина. Оние што признаа вина и казните со првостепената пресуда се: Гордана Јанкулоска – затворска казна од 2 години и 6 месеци; Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Миле Јанакиески – затворска казна од 4 години и 6 месеци; Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Мунир Пепиќ – затворска казна од 1 година; и Коста Митровски – затворска казна од 3 години.

Back to top button
Close