СДСМ: Градоначалникот на Ѓорче Петров ги задолжи жителите на општината за 600 илјади евра, а планира и седум партиски вработувања
Социјалдемократскиот сојуз денеска на прес-конференција го обвини градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, дека ги задолжил жителите на општината за нови 600 000 евра, а воедно дека е донесена и одлука за седум нови партиски вработувања.
„Овде имам два документи кои покажуваат дека ДПМНЕ и Александар Стојкоски имаат две лица, едно за во опозиција и друго кога се на власт. Ова е одлуката со која Стојкоски ги задолжи жителите на општина Ѓорче Петров за нови 600 000 евра, а ова е одлуката за 7 нови партиски вработувања – вели Кристијан Јовановски, претседател на Општинска организација СДСМ Ѓорче Петров.

Во соопштението што СДСМ го достави до медиумите не се приложени двата документа на кои во прес-конференцијата се повикува претседателот на Општинска организација СДСМ Ѓорче Петров.
„За ДПМНЕ и Стојкоски кога се во опозиција општината е презадолжена и превработена, а кога ќе дојдат на власт, уште во првата година ја заглавуваат општината со нови кредити и нови партиски вработувања. Градоначалникот Стојкоски е доктор по задолжувања, затоа што како Претседател на Совет и како Градоначалник најмногу ја има задолжено општината – заклучи Јовановски.