СДСМ: Грозјето скапува на нивите – лозарите се повторно изневерени
Лозарите повторно се оставени на цедило, а грозјето скапува на нивите. Пред два дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во Кавадарци самоуверено изјави дека „целото грозје ќе биде откупено од страна на винариите“, се вели во соопштението од СДСМ.
Денес е 19- ти септември, реалноста на терен е сосема поинаква.
Најавеното „решение“ за проблемот со откупот на грозјето се претвори во нова агонија за лозарите – откупот на винското грозје се одвива забавено.
Министерот Трипуновски тврдеше дека за оваа реколта ќе има производство од над 100 милиони килограми грозје. Во Кавадарци, опкружен со своите соработници, изјави дека досега се откупени 78 милиони килограми. Остануваат уште над 22 милиони килограми грозје за откуп.
Го прашуваме министерот Трипуновски како ќе бидат откупени повеќе од 22 милиони килограми грозје од винарија која последен пат откупувала пред пет години, и тоа со капацитет од едвај 7 милиони килограми?
Дали винаријата „Вардар“ за која Трипуновски ветува дека ќе ги откупи дополнителните количини грозје во тиквешкиот регион, има обезбедено финансиски средства да им го исплати грозјето на лозарите?
Лозарите заслужуваат одговор на овие прашања, бидејќи винаријата што ја спомнува Трипуновски, нема вршено откуп од 2020 година.
Лозарите се изморени од празни ветувања и сакаат реални решенија, не празни сценарија манипулации.
Дали се подготвува нова измама на лозарите, како онаа во 2016 година, кога партиски блиските визби добија пари, а лозарите останаа со неплатено грозје?
Трудот на лозарот не смее да биде жртва на партиски игри и предизборни манипулации. Лозарите бараат реална цена, сигурен откуп и навремена исплата, ништо повеќе, ништо помалку