СДСМ и ДУИ бараат на вонредна седница на градското собрание да се додели помош на семејствата на настраданите во несреќата во Бугарија

 

СДСМ очекува иницијативата која ја поднесоа со ДУИ за вонредна седница да се прифати и седницата да се одржи што поскоро со цел помошта на погодените семејства да стигне побрзо

Градот Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на починатите од Скопје во автобуската несреќа што пред два дена се случи во соседна Бугарија, соопштија градските власти. СДСМ и ДУИ кои преминаа во опозиција во градското собрание по локалните избори, пак, излегоа со барање одлуката за парична помош да се донесе на вонредна седница и евентуално да се зголеми планираниот износ.

„На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на својата наредна седница ќе одлучува за доделување на парична помош во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите“,соопштија од Градот.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, пак, вели дека не треба да се чека наредната седница туку да има вонредна за што е поднесена и иницијатива.

„Советничката група на СДСМ, ДУИ и коалицијата во Советот на Град Скопје, денеска достави барање за свикување на итна седница на Советот. На оваа седница единствена точка на дневен ред би била помошта кон семејствата на нашите сограѓани кои загинаа во страшната автобуска несреќа во Бугарија. Го поздравуваме предлогот да се обезбедат два милиони денари за помош на семејствата на настраданите, секако треба да се види можноста тој износ дополнително да се зголеми. Сепак, не треба да се чека редовната седница на Советот, туку тоа може да се обезбеди и со вонредна седница за што денеска како советничка група поднесуваме иницијатива. Скопје е град на солидарноста, град кој подава рака секому кому му е потребна помош така е и сега, без да ги делиме луѓето по верска и етничка припадност“,рече Јанчева.

 

Таа очекува иницијативата да се прифати и седницата да се одржи што поскоро со цел помошта на погодените семејства да стигне побрзо.

 

 

Back to top button
Close