СДСМ и ДУИ ги оставија граѓаните без леб како во времето на транзицијата, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Со СДСМ и ДУИ на власт државата е вратена 70 години назад како во времето на транзицијата кога немало леб, млеко и други основни егзистенцијални продукти, па се чекало ред или се купувало со бонови.

Вака портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на денешната прес-конференција ја прокоментира одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари – потег што ги разлути пекарите и предизвика тие да не испорачуваат бел и полубел леб во маркетите.

„Срамно и жално е што Ковачевски и ДУИ го оставија народот без леб, додека има за тендери и криминал. Македонија со власта на СДСМ и ДУИ е единствена држава не само во регионот, туку и во Европа во која на народот му се под знак прашалник основни егзистенцијални работи“ изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање за владината одлука за замрзнување на цената на лебот.

За премиерот Димитар Ковачевски, портпаролката на опозициската партија рече дека е повеќе од достигнување ако државата и институциите можат да ги извршуваат основните функции, а за повеќе, како што нагласи, воопшто и не станува збор.

Откако вчера Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, пекарите, како што и најавија, денеска не испорачаа леб во маркетите и продавниците. Во маркетите утринава единствено можеше да се најде лебот што останал непродаден од вчера или, пак, од посебните видови кои се донесени пред неколку дена.

Back to top button
Close