СДСМ и Филипче вршат притисоци врз членови на ЗНАМ – вели Димитриевски
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција го обвини раководството на Социјалдемократскот сојуз (СДСМ) и лидерот Венко Филипче дека се закануваат на членови и поддржувачи на неговата партија, упатувајќи им предупредувања, притисоци и повици за разговори.

„Деновиве добиваме стотици пораки од наши членови и поддржувачи. Тоа се луѓе што се повикуваат на разговори, на предупредувања на притисоци. И сето тоа под директна директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ. Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи – уцени. Наместо дебата – хајка. Но, порачувам дека овие тактики ќе ве поразат, но нема да ја поразат Македонија. Нема да успеете. ЗНАМ не се плаши. Секој обид за заплашување само ја зајакнува нашата борба и идеја“,рече тој.
Пред една недела, како што рече, го повикал лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на ТВ-дуел, со цел да ги соочаат аргументите и да зборуваат отворено пред народот, за државата, идентитетот и иднината.
„Седум дена поминаа оттогаш. Седум дена молк. Седум дена тишина, таму каде требаше да има храброст. И тоа кажува сè. Затоа што кога ќе молчиш за вистината, молчиш и за државата. А ние, во Движењето ЗНАМ нема да молчиме. Наша должност е да зборуваме, да предупредуваме и да браниме“,
вели Димитриевски.
Повторно го повика Филипче да излезат на дуел и да зборуваат пред народот, дури и на место што ќе го избере лидерот на СДСМ.
„Затоа, Венко, повторно денеска те повикувам, излези, соочи се, зборувај пред народот. Избери медиум, избери време и место. Како помош и логистика, слободно земи го со себе и твојот ментор Зоран Заев. Дури и ако сакаш, може да се соочиме и на ‘Бихаќка’, биди опкружен и со 200 партиски активисти околу себе, од кои најголемиот дел вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори“,рече лидерот на ЗНАМ.