СДСМ и Левица го обвинија Пецаков оти доделил пари на ракометен клуб во кој тој е основач

Владејачкaта СДСМ и опозициската Левица денеска го обвинија охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дека доделил пари на градскиот ракометен клуб „Охрид“ во кој самиот тој е основач. Двете партии тврдат дека на овој ракометен клуб му биле префрлени 15 милиони денари, односно речиси 250 илјади евра директна поддршка од општинскиот буџет.

„Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на Градскиот ракометен клуб ‘Охрид’ е РК Охрид 2013 каде што основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП Охридски комуналец“велат од СДСМ.

СДСМ и Левица го повикаа надлежното Јавно обвинителство да ги истражи ваквите наводи и да утврди дали со ваквиот потег охридскиот градоначалник направил прекршок согласно Кривичниот законик.

„Ако Кирил Пецаков е градоначалник, не значи дека е недопирлив. Законите во Република Македонија треба да важат за секој граѓанин подеднакво“,се посочува во соопштението на опозициската Левица.

Во меѓувреме, МИА пренесе дека Пецаков за утре најавил прес-конференција на тема финансиската состојба на Општина Охрид.

Back to top button
Close