СДСМ: И на советниците во Кисела Вода им дадоа свечени изјави без уставното име

Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека новото уставно име е реалност и ако не се почитува може да се случат проблеми во административното функционирање на државата. Кога ќе дојдеме на власт, рече тој, ќе работиме тоа да го промениме

Советниците од СДСМ и коалицијата денеска ја напуштија конститутивната седница на Советот на Кисела Вода и не ги потпишале свечените изјави бидејќи на нив не стоело уставното име.

„Наместо фокус на теми кои се во интерес на граѓаните на локални ниво, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го крши Уставот“,

реагираат вечерва од СДСМ кои преку соопштение укажуваат дека после Штип и Аеродром, денеска тоа се случило и во Кисела Вода.

„СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години“,велат од СДСМ.

Откако пред два дена советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои се мнозинсто во Советот на Штип потпишаа свечени изјави со „Република Македонија“, повеќе партиски членови на опозициската партија излегоа со изјави дека Преспанскиот договор е завршена работа и нивните локални функционери ќе потпишуваат документи со уставното име.

Денеска и лидерот на партијата Христијан Мицкоски кажа дека новото уставно име е реалност и ако не се почитува може да се случат проблеми во административното функционирање на државата. Кога ќе дојдеме на власт, рече тој, ќе работиме тоа да го промениме.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека тоа што се случува во дел од советите во општините, каде што свечените изјави се даваат со старото уставно име на државата „Република Македонија“, е последица на неусогласеност на Уставот и законите, но новото име име, вели тој, е реалноста во која функционираме.

Back to top button
Close