СДСМ: Итна истрага за насилниците што ги нападнаа младите во Ново Село

СДСМ вчера соопшти дека за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски во Ново Село биле нападнати млади активисти на партијата

По вчерашните случувања во Ново Село, СДСМ бара Јавното обвинителство и полицијата веднаш да ги пронајдат и да ги приведат напаѓачите.

 

За потсетување, СДСМ вчера соопшти дека за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски во Ново Село биле нападнати млади активисти на партијата. Тврдат дека меѓу луѓето што се заканувале и ги нападнале активистите, бил и возачот на градоначалникот на Ново Село, Наско Димитриев.

 

„Единственото што го направија овие млади луѓе беше што носеа транспарент со порака дека водата во Гостивар е отруена. Одговорот на организираната криминална група ВМРО беше моментален: група тепачи, по наредба на Христијан Мицкоски, нападнаа млади луѓе. Мицкоски ја премина секоја граница.Бараме од полицијата и Обвинителството веднаш да реагираат. Обвинителството веднаш да ги пронајде насилниците што по налог на Мицкоски ги нападнаа младите во Ново Село. Вчера Обвинителството со молскавична брзина го пронајде оној што го навредил Мицкоски. Денеска очекуваме со истата брзина“кажа на денешната прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ.

Оттаму бараат надлежните да ги идентификуваат, но и да ги приведат напаѓачите.

„Веќе е познато дека во нападот учествувал и возач на градоначалник на Струмица од ВМРО – Наско Димитриев. Значи – лесно ќе ги пронајдат. Панче Тошковски, наместо да се занимава со хиперхлорирање, анализи на водата и пуштање на водата да истекува од цевките, нека си ја работи својата работа и уште денеска нека ги пронајде насилниците и нивните налогодавачи. Полицијата и Обвинителството мора да ја работат својата работа. Без селективност. Без заштита. Насилството по налог не смее да помине неказнето – Без разлика што нарачател е премиерот Мицкоски“велат од СДСМ.

Вчера партијата објави и видео од настанот на Фејсбук.

Back to top button
Close