СДСМ: Изборот на Ацо Ристов во Регулаторна е партизација за бизнис интерес на ВМРО
Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, обвини дека изборот на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, кој го предлага власта, претставува уште еден јасен пример на партизација на институциите и воведување на ВМРО-ДПМНЕ кадар во важни државни тела, што го загрозува интересот на граѓаните.
„Денеска повторно сме сведоци како една клучна институција во државата, наместо да биде независна и да работи за интересите на граѓаните и на државата, станува партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ. Добиваме уште еден општински комитет на оваа политичка партија, кој ќе биде дел од партиско-политичките бизнис калкулации“, рече Талевски.
Тој појасни дека станува збор за избор на претседател на регулаторна комисија која го одлучува животот на граѓаните преку цените на струјата, горивата, водата и енергенсите.
„И наместо токму сега, кога и ние и целиот свет се соочува со енергетска неизвесност, наместо да бидеме лице во кое ќе имаат доверба сите граѓани на оваа држава, лице кое ќе ги штити нашите интереси, ВМРО-ДПМНЕ без трошка срам, без никаква совест и без никаква одговорност на чело на ова тело предлага најпартиски кадар“, обвини Талевски.
Тој истакна дека Регулаторната комисија за енергетика треба да биде целосно независна. Тело кое нема никаква врска ниту со партии, ниту со политика, а нејзиниот претседател да биде стручно лице кое нема никакви допрени точки со политичка или партиска функција.
„Наместо тоа, владејачкото мнозинство го предлага Ацо Ристов, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Радовиш, по вмровски кадар, не може ни да биде, и овие овде колеги не покажавте ниту трошка срам, ни трошка одговорност за она што и го правите на државата, и што им го правите на институциите“, рече Талевски.
Тој појасни дека предложениот претседател е и бизнисмен во енергетиката со директен интерес на пазарот.
„Тоа значи дека човек кој произведува струја треба да стане прв човек на институцијата што ги носи правилата и цените на истиот тој пазар. Замислете човек којшто произведува струја, којшто е заинтересиран за цената на пазарот, самиот тој ќе си ја регулира цената на струјата. Ова не е само конфликт на интереси, ова е сериозен ризик за независноста на регулаторот“, обвини Талевски.
Тој дополнително истакна: „Срамота и тажно е ова што и го правите на државата, што им го правите на нашите граѓани, и тоа во услови кога се соочуваме со нестабилен енергетски пазар, со неизвесност во овој сегмент, кога целиот свет е во исчекување како ќе се справуваме со предизвиците. Или Ацо Ристов толку многу одработил за ВМРО-ДПМНЕ, или пак мора да му се удоволи прилично многу за да ги исполнува нарачките што ќе ги добива откако ќе стапи на оваа функција, а сигурно по ова што го гледаме ќе ги има очигледно многу“.
Талевски исто така посочи на семејните врски во институциите, односно сопруга на Ацо Ристов, Данка Ристова која веќе е избрана за член на Судскиот совет, институција која треба да ја гарантира независноста на судството.






