СДСМ лаже дека членовите на нашите сестрински партии од ЕПП гласаа против Извештајот за Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) е фатен во лага дека членовите на нашите сестрински партии од Европската народна партија (ЕПП) гласаа против Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат и дека доказ за тоа е фотографијата на која се гледа кои од европратениците гласале „за“, „против“ и „воздржани“. Од неа, според владејачката партија се гледа дека освен Бугарите, другите гласале „за“.

„Бугарите добија поддршка од социјалдемократите, благодарение на СДСМ и нивните заложби да гласаат против Македонија. Наместо да ја поддржат борбата на ВМРО-ДПМНЕ за достоинствено претставување на државата во Европа, тие се ситат и сакаат да ја гледаат Македонија во неуспех. Зошто СДС работи против Македонија? Зошто СДСМ сака да го уништи достоинството на Македонија? Зошто СДС триесет години наназад работи спротивно на интересите на граѓаните“се вели во соопштението од партијата на власт.

Оттаму појаснуваат и дека Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска (24 јуни) го усвои Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известителот Томас Вајц, а во документот, како резултат на континуираната посветеност и принципиелниот пристап, со широко мнозинство се потврдуваат македонскиот јазик, македонскиот идентитет и европската перспектива на државата.

„Изминатите три децении доколку како општество и политички чинители дејствувавме со јасни цели, многу од предизвиците ќе беа поинакви, но барем немаше да бидат поврзани со оспорување на нашето постоење. Ние сме Македонци, со свој јазик, историја и чувство на припадност“,велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, оваа постапка во Европскиот парламент не е крајна цел, туку охрабрување да продолжат по патот на реформите, владеење на правото и институционална стабилност.

„Се тоа со крената глава и со чувство на одговорност“пишува во партиското соопштение.

СДСМ денеска реагираше на потегот на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија“.

Според СДСМ, предлог-амандманот од ЕПП, кој предлага формулација „модерен македонски јазик“, претставува сериозен удар врз позициите на Северна Македонија и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ. Амандманот е поднесен од координаторот на ЕПП, Михаил Галер, член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ ја смета за стратешки и идеолошки партнер.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Гласањето за Извештајот во АФЕТ заврши со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.

Преговорите беа тешки и долги, но имаме јасно мнозинство што зборува само за себе, изјави за „360 степени“ известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, откако денеска во Комитетот за надворешни работи помина Извештајот за Северна Македонија, со неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Back to top button
Close