СДСМ: Македонија губи првачиња – младите се иселуваат а Владата увезува „економски работници“
СДСМ преку соопштение обвинува дека Македонија се соочува со сериозен демографски и образовен пад, а како доказ ги посочува бројките на почетокот на новата учебна година.

Од партијата велат дека во 2026 година има околу 3.000 првачиња помалку, 148 училишта без ученици, 433 паралелки помалку, а се затвораат и 26 подрачни училишта.
„Никогаш сликата на почетокот на учебната година не била потажна. Дебакл на криминалните политики на Мицкоски“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, намалувањето на бројот на деца е последица на иселувањето на младите, лошата економска состојба и, како што тврдат, изолацијата и блокирањето на европскиот пат.
СДСМ ги критикува премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска, обвинувајќи ги дека наместо да понудат решенија, зборуваат за семејните и демографските вредности, додека Владата истовремено увезува работници од трети земји.
Од СДСМ се повикуваат и на изјава на Мицкоски од интервју, во која тој, според нив, рекол: „Празниот простор дома ќе мора да се пополнува со работници од трети земји“.
„Значи тоа е политиката на Мицкоски, македонските работници да ги заменат економски работници од трети земји“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека празнењето на училиштата и намалувањето на бројот на првачиња се директен показател за, како што оценуваат, последиците од политиките на актуелната власт.






