СДСМ: Македонија на дното по стандардот на живеење, инфлацијата расте и достигна 4,5%

Секојдневно, реалните економски податоци и индикатори ги побиваат лагите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводен економски бум во државата. Последните податоци за инфлацијата потврдуваат дека, спротивно на уверувањата на власта дека инфлацијата паѓа, таа останува висока и ја јаде куповната моќ на граѓаните.

Годишната инфлација во октомври достигна 4,5%. Најголемо зголемување од 7% е регистрирано кај трошоците за храна и безалкохолни пијалаци – основните производи без кои не може да живее ниту едно семејство.

Цените продолжуваат неконтролирано да растат. За 2,8% се зголемени цените на мало во октомври годинава, споредено со истиот месец лани. Најголем раст има кај прехранбените производи – храната поскапе за 6,7%, овошјето и зеленчукот за 4,3%.

Растот на инфлацијата и цените е јасен показател дека економските политики на власта се промашени и без никаков резултат. Сметката ја плаќаат граѓаните.

Платите и пензиите не го следат растот на трошоците за живот. Ова е клучен показател дека секој ден животот станува сè поскап за македонските граѓани. Тие се принудени постојано да кратат, да пресметуваат, да избираат што нема да купат – затоа што приходите не им стигаат.

Ова е реалноста. Ова се вистинските проблеми на граѓаните.

Трагично е што власта не ни помислува на покачување на платите. Додека во регионот платите растат, ВМРО-ДПМНЕ одбива да ги покачи. Ветуваа повисок животен стандард и плати, а денес Мицкоски не сака ни да слушне за зголемување на минималната плата барем на 500 евра.

Власта не прифати ниту еден од конкретните предлози на СДСМ – ниту предлогот за 500 евра минимална плата, ниту укинување на ДДВ за прехранбени производи.

И така продолжува – во новиот Буџет за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, ниту мерки за намалување на цените. Тоа значи дека цела следна година граѓаните и работниците може да очекуваат уште поскап живот, а Владата нема да преземе ништо.

Сега е јасно: на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара граѓаните да живеат сè полошо. Ова е стратегија за ослабување на нивната економска моќ, за ширење очај и разочараност. Целта е да ги обесхрабрат граѓаните и работниците да бараат подобри плати и приходи. Да ги прифатат политиките на ниски стандарди и евтина работна сила.

Но граѓаните ова го препознаваат. Јасно ѝ порачуваме на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема да молчи – и нема да молчат ниту граѓаните. Нивната намера е прочитана, а стратегијата ќе им се удри од глава.

Со ВМРО-ДПМНЕ на власт расте само стандардот на профитерите. Расте експлоатацијата на работниците и сиромаштијата на граѓаните. Ништо друго добро не се случува во државата.

СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни политики кои обезбедуваат подобар живот за сите.

Back to top button
Close