СДСМ: Мицкоски да им се извини на културните работници за навредите

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Петровиќ, побара премиерот Христијан Мицкоски јавно да им се извини на уметниците и културните работници за, како што рече, навредливите изјави упатени кон нив.

Според неа, состојбата во културата е хаотична, а последните изјави на премиерот дополнително ја влошуваат ситуацијата.

„Мицкоски ги навреди и дискредитираше луѓето кои ја создаваат културната вредност на државата, нарекувајќи ги ‘вулгарни и агресивни’“, изјави Петровиќ.

Таа оцени дека ваквите ставови се обид за замолчување на културните работници, кои, како што посочи, бараат почитување на Колективниот договор и подобрување на платите.

Петровиќ нагласи дека Колективниот договор е легитимен и институционално потврден, додавајќи дека проблемот не е во правната рамка, туку во, како што рече, недостигот на политичка волја.

Дополнително, таа посочи на, како што го нарече, лицемерие кај дел од носителите на функции, вклучително и министерот за култура Зоран Љутков, кој, според неа, во минатото го поддржувал истиот договор.

„Културата не е трошок, таа е темел на идентитетот. Без достоинствени уметници нема држава, нема нација, нема иднина“, изјави Петровиќ.

Од СДСМ порачаа дека ќе продолжат да ги поддржуваат културните работници и нивните барања, нагласувајќи дека ова е борба за достоинство и права.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close