СДСМ: Мицкоски да се пријави себеси во ЕУ и НАТО за поделби и дестабилизација
Во однос на барањата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик, од СДСМ велат дека за ова прашање треба да се најде решение за секој да може да ужива во основните човекови права согласно законот. Според нив, овие прашања биле затворени, но со доаѓањето на новата власт повторно се отвораат

Мицкоски самиот себеси да се пријави во Европската Унија и во НАТО затоа што тој ја дестабилизира состојбата во државата – коментираат од опозицискиот СДСМ откако премиерот денеска рече дека Владата ги информирала сојузниците во Алијансата и во ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на вчерашниот протест во Скопје, на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик.
Во однос на барањата на студентите, од СДСМ велат дека за ова прашање треба да се најде решение за секој да може да ужива во основните човекови права согласно законот. Според нив, овие прашања биле затворени, но со доаѓањето на новата власт повторно се отвораат.
„Меѓутоа, она што е проблем е што главни инспиратори на сите овие поделби се токму Мицкоски и Владата. Денеска го слушнавме низ медиумите дека ќе пријавел во НАТО и во ЕУ за ова. Ете да му порчаме на Мицкоски тој да се пријави и во НАТО и во ЕУ, затоа што тој ја дестабилизира состојбата во државата“,изјави пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ на денешната прес-конференција.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска рече дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дале политичка конотација на вчерашниот протест на кој студенти бараа правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Во врска со ова, Владата ги информирала НАТО и ЕУ.






