СДСМ: Мицкоски го откри авторитарниот карактер со најавата за данок за оние кои не се во брак

-Граѓаните треба да знаат дека изјавата на Мицкоски е јасна потврда за тоа што навистина го мисли, а манипулација се неговите извинувања и правдања – реагира СДСМ

Христијан Мицкоски јасно ги откри своите намери и политики за најавениот данок за немажени и неженети и попусто се обидува „да се испере“, реагира СДСМ на денешната изјава на премиерот кој рече дека само сакал да го сврти вниманието кон опаѓачкиот наталитет со изјавата дадена пред неколку денови.

„Мицкоски побрза да се вади, но уште повеќе се заплетка. Не е точно дека Мицкоски се обидувал да го сврти вниманието на опаѓачкиот наталитет. Вистината е дека тој навистина би го вовел данокот и таа желба јасно ја кажа. Ова потврдува дека човекот единствено го интересира како да ги оданочи граѓаните, како да им ги скрати правата и слободите и како да го наполни буџетот. Впрочем, ова Мицкоски го прави и преку сите други политики“ се вели во реакцијата на СДСМ.

Според најголемата опозициска партија со изјавата за данокот, Мицкоски го открил својот авторитарен карактер.

„Прашање е само на време кога Мицкоски ќе воведе нови давачки за граѓаните, додека тој, неговите олигарси и функционерите ќе уживаат во приватни авиони, папаја и манго. Граѓаните треба да знаат дека изјавата на Мицкоски е јасна потврда за тоа што навистина го мисли, а манипулација се неговите извинувања и правдања“ се вели понатаму во реакцијата.

Тој денеска се извини и рече дека неговата изјава била погрешно протолкувана, но дека факт е оти бил исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија.

Back to top button
Close