СДСМ: Мицкоски го зеде судството во свои раце, па се фали со добиени пресуди


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение реагираше на последните изјави на Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека извршил директен упад во правосудниот систем. Од опозициската партија велат дека фалењето на Мицкоски со судски пресуди против СДСМ е само доказ дека судството и обвинителството се под негова директна контрола.

Според СДСМ, моментот на објавување на овие пресуди не е случаен. Тие сметаат дека ова е обид да се дефокусира јавноста од иницијативата што партијата ја поднесе до Уставниот суд против резолуцијата со која, според нив, власта сака да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот „мигранти за пари“.

„СДСМ нема да дозволи задушување на демократијата и слободата на медиумите. Со сите демократски механизми ќе се бориме дури и пред меѓународните институции“,

стои во партиското соопштение.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, со објава на својот фејсбук-профил информира за добиена правосилна судска пресуда против СДСМ за клевета, која се однесува на изнесено во партиско соопштение од октомври 2022 година.

Според Мицкоски, судот утврдил дека опозицијата изнесувала невистини и тешки клевети без никаква основа.

„Оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи – напади, наместо програми, дискредитации, наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор“,

истакна Мицкоски додавајќи дека ова е „жесток шамар“ за сите што воделе негативни кампањи против него.

Во образложението на пресудата на Апелацискиот суд Скопје, документ кој тој го објави на Фесбук, пишува дека политичката партија СДСМ на 2 октомври 2022 година во соопштение објавено и на нејзината веб-страница изнела невистинити факти за тужителот, со што ги повредила неговите чест и углед, со следното:

„Мицкоски е докажан криминалец, фатен со рацете во медот, затоа ДПМНЕ фабрикува лаги за Ковачевски. Фатен со рацете во медот за тендер и провизии од 136 милиони евра, докажаниот криминалец Христијан Мицкоски не може да се помири со фактот дека претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски чесно и посветено работи за граѓаните и за државата“.

Back to top button
Close