СДСМ: Мицкоски и Апасиев се истурен дел од коалицијата чија цел е државата да биде закочена

Мицкоски и Апасиев се само истурен дел од коалицијата, чија цел е државата да биде закочена, велат од СДСМ, по денешниот протест пред Владата против францускиот предлог, кој вчера засебно го најавија и ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Од владејачката партија ги обвинија Мицкоски и Апасиев дека се дел од анти НАТО и анти ЕУ коалиција.

„Денеска Мицкоски дејствуваше заедно со својот коалициски партнер Левица предводена од Димитар Апасиев, која е единствената партија со отворена поддршка за руската агресија врз Украина. Лажните вести што синхронизирано се шират овие денови на дело ја потврдија и анти НАТО и анти ЕУ коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Мицкоски и Апасиев се само истурен дел од оваа коалиција чија цел е државата да биде закочена, да има тензии и да бидеме оддалечени од демократскиот свет. Ништо ново не се деструкциите, блокадите, обидите за нови поделби од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, но тие секогаш биле препознавани и поразувани, така ќе биде и сега“ се вели во реакцијата на СДСМ.

Оттаму велат дека протест за кое било прашање е уставно гарантирано право, но процесот на широки консултации сè уште е во тек со сите политички и општествени чинители

Тие сметаат и дека лидерот на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска јавно признал дека е против ЕУ.

Пред почетокот на протестот вечерва, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава за медиумите порача – не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме.

Меѓу присутните на собирот пред Влада беше и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, како и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

Протестот беше насловен „Ултиматум – не благодарам“.

Back to top button
Close