СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено
Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, соопштуваат од опозициската СДСМ.
Според нив, Владата не добила „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски, додека Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
,,Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие. Да потсетиме, ГРЕКО бара итно: донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии, засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите, зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт. Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред“, велат од оваа партија.
СДСМ велат дека бараат Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси.