СДСМ: Мицкоски во Давос – дипломатска изолација и медиумски мрак за Македонија
Соопштение на СДСМ:

Посетата на премиерот Мицкоски во Давос ја откри целосната изолација што неговата политика ја доведе Македонија. Наместо разговори со европски и светски лидери, Мицкоски се сретна само со своите неколку партнери. Што не е никакво изненадување, особено откако неговиот најблизок соработник, вицепремиерот Иван Стоилковиќ славеше со „Ноќните волци”, про-руски групи познати по поддршката на Кремљ.
Ова не е случајно, туку дел од поширок план за изолација на нашата земја од ЕУ, поттикнат од анти-ЕУ кампањата што ВМРО веќе некое време ја води, одбивајќи реформи и компромиси неопходни за европската интеграција, што ја загрозува иднината на следните генерации.
СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во телекомуникацискиот сектор во нашата земја, кои откриваат ланец на влијание што се протега од Будимпешта преку Белград до Скопје.
Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да додели трета лиценца за мобилен оператор на унгарската компанија „4iG”, не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план што ја загрозува независноста на нашата држава и слободата на медиумите.
Оваа компанија, која е единствениот понудувач на тендерот и која ќе плати 8 милиони евра за фреквенции, сега има право да изгради и управува со самостојна 5Г мрежа.
Компанијата „4iG” не е обичен играч на пазарот, таа е длабоко поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес.
Сопственикот и претседателот на „4iG”, Гелерт Јасаи, е близок сојузник на Орбан, а компанијата стана „национален шампион” во Унгарија благодарение на масивната државна поддршка, вклучувајќи тајни инвестиции од над 189 милиони евра и олеснувања во регулаторните процедури.
Орбан лично интервенираше во аквизициите на „4iG”, намалувајќи го влијанието на странските компании и зголемувајќи ја контролата врз информационите мрежи.
Овој потег во Северна Македонија само го потврдува Орбановиот план да го прошири своето влијание на Балканот.
Ова не е изненадување, имајќи предвид дека Христијан Мицкоски јавно изјави дека Орбан е негов близок пријател.
Владата на Мицкоски во 2024 година го најави тендерот за трет оператор, а сега ги гледаме плодовите на таа „пријателска” соработка.
Оваа врска го објаснува и пошироката оска Орбан-Вучиќ-Мицкоски.Тоа е затворен круг што, покрај бизнисите во телекомуникациите и енергетиката, вклучува и контрола врз медиумите.
Телекомуникациските компании се клучни бидејќи обезбедуваат инфраструктура за дистрибуција на медиумски содржини, манипулациии со информации и пропаганда.
Во рацете на вакви актери, тие стануваат алатка за политичка доминација, особено во земји како нашата каде што медиумите веќе се под притисок.






