СДСМ: Министерот Љутков и директорката Честоева се заплеткаа во лаги, бараме истрага за куќата на Владо Малески

СДСМ денеска излезе со соопштение во кое остро реагира на, како што велат, „трагикомичните и контрадикторни“ изјави на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, по рушењето на дел од куќата на авторот на македонската химна, Владо Малески во Струга.

​Според СДСМ, изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека власта не само што нема стратегија за заштита на културното наследство, туку и нема елементарна координација.

 

​„Министерот Љутков тврди дека оштетувањата на куќата биле предизвикани од градежни активности на соседна парцела, додека директорката Честоева, пак, открила дека причината е подземна вода“, се вели во соопштението.

 

​СДСМ иронично забележува дека „подземните води“ стануваат нов политички аргумент во ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога ќе направат штета, барајќи ја вината под земја.

 

​Напад врз идентитетот и колективното сеќавање

 

​Партијата потсетува дека Владо Малески е автор на македонската химна и симбол на државноста.

 

​„Куќата на Владо Малески не се урна сама. Таа е жртва на негрижа, нестручност и партизација на институциите… Рушењето на неговиот дом е напад врз колективното сеќавање на Македонија“, се нагласува во реакцијата.

 

​СДСМ бара итна и целосна истрага, јасна одговорност од институциите и итна санација на објектот под стручна контрола, со заклучок дека „Културата не е ваша политичка сцена, господине Љутков“.

Back to top button
Close