СДСМ: МВР во функција на партиски бизниси
Соопштение на СДСМ
Секој нов тендер е скандал во Министерството за внатрешни работи со сите елементи на корупција и партиски клиентелизам.
Под раководство на Панче Тошковски, МВР доделило милионски тендер за организирање возачки испити во Пелагонискиот регион на новооснована фирма „Супер Возач“, зад која стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ, советникот во Општина Кичево – Филип Митрески.
Оваа фирма е регистрирана само три месеци пред распишување на тендерот.
Смрди на корупција и на претходно договорени дилови.
На ваков начин практично фирмата добива монопол врз профитабилен бизнис од јавен интерес – сите полагања во Битола, Прилеп и Ресен.
Станува збор за сериозни индиции дека тендерот бил однапред наместен, дека целата процедура е креирана за да се обезбеди профит за партиски блиски структури.
Ваков модел на доделување јавни услуги – на нови фирми без искуство, контролирани од партиски кадри –
претставува класичен партиски грабеж.
Ова е веќе втор крупен сомнителен тендер во МВР за краток период, по скандалот со набавката на униформи. Наместо борба со криминал, МВР станува извор на корупција во живо!
СДСМ бара итно:
-Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да испита целиот процес;
-Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас;
Македонија не смее да биде плен на организиран партиски грабеж. Институциите мора да постапат, а одговорност мора да има – и ќе има.