СДСМ: Нема да дозволиме уцените и хировите на Мицкоски да и наштетат на државата и граѓаните
Со најавите за уште поголеми блокади, Христијан Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата. Со ваквите недржавнички постапки Мицкоски носи штета единствено на граѓаните.
Ова е дел од реакцијата на СДСМ за блокадата на Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ која ја најави партискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Во време на најголема економска и енергетска криза по втората светска војна, кога Собранието треба да носи брзи ефикасни решенија за граѓаните, Христијан Мицкоски најавува нови блокади. Наместо како институција за креирање подобри закони во секојдневната борба за заштита на стандардот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го користат македонското Собрание за блокади. Ова покажува дека деструктивноста на Мицкоски и неговата политичка инструментализираност како послушник на Никола Груевски нема граници. Во светската политика се случува обединување на партиите за помош на граѓаните и стопанството во време на вакви големи кризи, само кај нас ВМРО-ДПМНЕ сее поделби и спроведува блокади – изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од владејачката партија порачаа дека нема да дозволат деструктивноста на Мицкоски и блокадите да ја закочат државата.
„Обврска на СДСМ како одговорна, државотворна партија, заедно со мнозинството кое го предводи е да не дозволиме уцените и личните хирови на Мицкоски да нанесат штета врз државата и народот. СДСМ останува отворен за сите добронамерни конструктивни предлози, но со сите демократски и разумни методи ќе се спротивстави на блокади и вештачки кризи заради лични и партиски интереси на Мицкоски. СДСМ е одговорна партија и по секоја цена со сите, разумни општествени партнери ќе ги надмине блокадите на Мицкоски и криминалната ВМРО-ДПМНЕ – порача Кузеска.