СДСМ нема да се откаже од законот за бранители, вели Филипче

Соопштение на СДСМ

СДСМ не отстапува од законот за бранители и во следна прилика, според претседателот на партијата Венко Филипче, повторно ќе биде побарано да се разгледува во рамки на матичната собраниска Комисија. Главниот проблем, според него, се двојните стандарди на претседателот на Собранието Африм Гаши, за кого во партијата се уште се размислува дали да се поднесе интерпелација.

– Кога тогашната претседателка ја закажа седницата на Комисијата и не ја стави точката за законот за бранители на дневен ред, тогаш писмено му се обративме на претседателот Гаши и тој не извести дека кога веќе е седницата закажана, тој нема право да интервенира и да задолжи друг пратеник да ја одржи оваа седница. Кога се случи Комисијата за финансирање да се закаже без точката на дневен ред за унгарскиот заем е тогаш Африм Гаши закажа друга седница и законот помина, рече Филипче.

Во однос на барањето на дел од пратениците на СДСМ за интерпелација на Гаши, тој рече дека сите опции се на маса.

Филипче рече дека нема контакт со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ ги нарече смешни. – Тие треба да кажат зошто го пуштиле (Груби) преку граница, ако сакаат навистина правдата да биде испорачана. Ние јасно ги кажуваме нашите сегашни ставови во однос на коалицијата на ДУИ, рече тој. Додаде дека тоа е научена лекција и дека од сега натаму коалициите нема да ги прават по секоја цена, туку врз основа на вредносните политики.

За реформите во Судскиот совет, рече дека секоја реформа што е предложена и е во рамки на Оценската мисија и реформската агенда, СДСМ ќе ја поддржи. Вели дека во ставот на премиерот Мицкоски се гледаат осцилации – еднаш ќе го распушта Советот, нема да дозволи партизација, а се ставаат партиски лица за судии. Повика сите да седнат заедно и да се направи, како што рече, тоа што треба да се направи и да нема повеќе „трик“ на системот.

Како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, смета дека Владата сериозно касни во спроведување на реформската агенда, чија што реализација е врзана со ослободување на пари од Унијата.

Back to top button
Close