СДСМ нема капацитет да ги слушне издржаните аргументи за рудникот во Кривопаланечко, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и лидерот Венко Филипче се спротивставуваат на отворањето рудник во регионот на Крива Паланка и покрај поинаквиот став на градоначалникот од редовите на нивната партија.
„СДС и Венко Филипче излегоа против својот градоначалник, кои и така ги имаат малку на број. СДС и Филипче не сакаат во Крива Паланка да се отвори рудник, наспроти ставовите на нивниот градоначалник дека со запазување на сите стандарди и процедури за заштита на животната средина, тоа ќе е добро како за локалната и за целокупната економија, така и за стандардот на граѓаните. СДС и Филипче немаат демократски капацитет да ги слушнат издржаните аргументи за рудникот во Кривопаланечко, кои јавно ги кажува градоначалникот, тие одат против само за да бидат против“,
се вели во партиската реакција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, не може државата и граѓаните да страдаат поради несигурноста и стравот на Филипче дали ќе го задржи претседателското столче во СДСМ, и поради внатрепартиската битка да се спротивстави на секој што мисли поразлично од партискиот врв.
СДСМ, според партијата на власт, не ги прифаќа аргументите што доаѓаат од локално ниво и нејзиниот став, според нив, е политички мотивиран.
„Со ваквиот начин, СДС и Филипче покажуваат дека не сакаат Македонија да се развива, македонската економија да расте и македонските граѓаните подобро да живеат. СДС и Филипче уште еднаш покажуваат дека се против сè што значи подобар животен стандард за народот“,
пишува во соопштението од владејачката партија.
Оттаму сметаат дека доколку се реализира со почитување на еколошките стандарди, може да придонесе за економски развој на регионот и отворање нови, добро платени работни места.
„СДС на Венко Филипче не сака да се отвораат нови производствени капацитети, да се вработуваат граѓани, да земаат повисоки плати, тие сакаат само на нивната, таканаречена, партиска елита да им течат бизнисите, да градат висококатници по Дубаи, да купуваат акции во авиокомпании и да инвестираат во плантажи во Африка. За благосостојбата на граѓаните и македонската економија не се грижат. Да се грижеа, немаше за нивното седумгодишно владеење да го осиромашат народот доведувајќи пола милион граѓани на просјачки стап одвај преживувајќи со по 150 денари на ден, и немаше да ја опљачкаат државата носејќи ја до раб на банкрот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата повикуваат опозицијата да дејствува конструктивно и да ги поддржува проектите од, како што наведуваат, државен интерес, наместо да се спротивставува по политичка линија.
„СДС може што побрзо да се освести и да се консолидира, за да стане релевантна и кредибилна опозиција која ќе ги поддржи проектите во интерес на државата и граѓаните. Да биде коректив на власта со аргументирана критика, а не само со празни флоскули, само да се биде против, дури иако се работи за општествен и државен интерес. СДС и Венко Филипче треба да се свесни дека работењето и делувањето спротивно на државните и интересите на граѓаните“,
велат од партијата.
СДСМ денеска во нова т.н. „бомба“ на нивниот антикорупциски тим, објави документи, кои според нив покажуваат дека отворањето на рудникот за антимон во кривопаланечкото село Луке е уште еден бизнис-план на владејачката ВМРО-ДПМНЕ што се реализира преку фирми на донатори на партијата, а под превезот на проект од државен интерес во рамките на стратешкиот дијалог со САД.
Наводите на СДСМ на прес-конференција ги соопшти членката на Извршниот одбор (ИО) и портпаролка на партијата, Богданка Кузеска, која изјави дека граѓаните ќе видат кој стои зад фирмите што се носители на рудникот за антимон во Крива Паланка, односно дека станува збор за донатори на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што наведе таа, официјалните податоци од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини покажуваат дека актуелен концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“, чиј сопственик е Ѓорѓе Качурков.
Станува збор за лице донатор на ВМРО-ДПМНЕ, што, според Кузеска, недвосмислено го потврдуваат официјални документи и финансиски извештаи.
Кузеска го повтори барањето на СДСМ за организирање референдум во општина Крива Паланка на кој жителите на оваа општина ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ отворање рудник за антимон. Ова е уште една причина, додаде таа, зошто градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, мора да ги слушне граѓаните, а не премиерот Христијан Мицкоски.
Намерата за отворање рудник за антимон во Кривопаланечко беше објавена непосредно пред втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД што неодамна се одржа во Вашингтон.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека станува збор за стратешка инвестиција, откако од опозицискиот СДСМ побараа јавна дебата, консултации со експертската фела и одржување локален референдум на кој жителите на општина Крива Паланка ќе одлучат да сакаат рудник за антимон или не.






