СДСМ: Ниту една лажна анкета не може да ги скрие неработењето и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ
Ниту една лажна партиска анкета не може да ги покрие неработењето и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ откако од опозициската партија брифираат за анкета на ИПСОС во кој имаат речиси двојна предност.
Социјалдемократите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ на овој начин сака да го тргне фокусот од градоначалниците кои, според нив, работат катастрофално, како и судските пресуди против членови на поранешното партиско раководство.
„Последната анкета е само неуспешен обид да се дефокусира јавноста од реалноста, а таа е катастрофалната работа на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ односно неработа. Ниедна нарачана анкета од ВМРО-ДПМНЕ не може да ги покрие скандалите во кои е вмешан Мицкоски ниту, пак, срамот од многубројните судски случаи, од ’Плацови на Водно‘, па сè до ’Титаник‘ против членови на партиското раководството на најкриминалната партија во Европа – велат од СДСМ.
Анкетата за која утрово брифираа од опозициската партија за нејзини потреби ја спроведе ИПСОС и на прашањето „Доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори за кој би гласале?“, 18,2 отсто од испитаниците рекле дека ќе се одлучат за ВМРО-ДПМНЕ, а 9,5 отсто одговориле дека ќе гласаат за СДСМ. Во однос на довербата, пак, прв според рејтингот е Христијан Мицкоски со 9 отсто, втор е претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто, а потоа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со 4 отсто.