СДСМ објави каде ќе одат негови претставници за Илинден и кој ќе биде во делегациите
По повод 2 Август – Денот на Републиката, делегации на СДСМ утре ќе присуствуваат на чествувањата на големиот празник Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце, соопшти партијата.
Делегација во Крушево ќе ја предводи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со потпретседателката Кристина Костова и пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска. Филипче ќе даде изјава за медиуми, по што ќе следи полагање цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите од месноста „Слива“, како и присуство на панихида во храмот „Св. Никола“. Делегацијата ќе биде дел и од централната манифестација на „Мечкин Камен“.
Во Скопје, чествувањето ќе го предводи потпретседателката на СДСМ и кандидатка на партијата за градоначалничка на главниот град, Каја Шукова, која ќе положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“, како и пред споменикот на Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“.
Во Пелинце, делегацијата на СДСМ ќе биде предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со организацискиот секретар Мартин Костовски и со кандидатот за градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тие ќе положат цвеќе пред Меморијален центар на АСНОМ, соопштија од СДСМ.