СДСМ: Обидите на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на партијата продолжуваат преку Шилегов
Обидите на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на СДСМ однатре продолжуваат преку Петре Шилегов. Тоа веќе на сите им е јасно. Не се знае само дали Шилегов е уценет или купен, реагираат од СДСМ по вечерашното гостување на поранешниот скопски градоначалник во „Топ тема“, во кое тој побара оставка на актуелното раководство на партијата.

„Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано. Шилегов вечерва користеше иста реторика од прес-конференциите и соопштенијата на ВМРО, дека сме биле ‘изолирана партија’ (термин на Мицкоски) која ‘седела со Груевски’. Зошто? За да го спаси Мицкоски од обвинувањата дека е криминалец! Оваа специјална операција на ВМРО трае веќе неколку недели, секојдневно“,се наведува во соопштението на СДСМ.
Пораката на СДСМ, додаваат од „Бихаќска“, е јасна и силна: обидите за уривање нема да успеат, нема да застанеме, правдата ќе победи.
„Ќе се избориме со сите напади. СДСМ од ова излегува само посилен. Нема неколку вакви слаби обиди да нè поколебаат во нашата борба за слободна и демократска Македонија. Во оваа борба не сме сами – ќе ја водиме заедно со сите граѓани на Македонија кои сакаат подобра и посветла иднина за себе и за своите деца. Македонија се враќа во времето на Груевски и Мијалков, но знаеме дека по мракот секогаш доаѓа сонце! Нема да се предадеме!“,порачаа од СДСМ.






