СДСМ: Повисока плата за медицинскиот персонал што е во директна борба против коронавирусот, вложуваме во човечкиот капитал

 

Македонското здравство покажа дека може навремено и ефикасно да се справи со заканите од глобалната пандемија со коронавирусот.

Оваа глобална криза покажа уште појасно дека здравството е еден од основните општествени столбови и токму затоа Владата предводена од СДСМ и натаму ќе продолжи да вложива во овој клучен сектор.

Преку одговорни и стратешки политики ги зајакнавме професионалните капацитети на здравствените работници и создадовме услови својата иднина и кариера да ја градат во македонското јавно здравство.

За период од две години, Владата предводена од СДСМ, ги зголеми платите на здравствените работници, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи, како и повеќе од 1.000 согласности за специјализации и супспецијализации.

Во периодот од септември 2018 до февруари 2020, платата во здравстворо е зголемена за четири пати.

Основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари за 25%, а на останатите здравствени соработници за 15%.

Зголемени се и коефициентите за исплата на дежурства на здравствените работници, некои типови на дежурства, за два до три пати повисоки за викенд.

За првпат, Влада предводена од СДСМ ги плати приватните специјализанти за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар.

Здравствените работници ја заслужуваат нашата благодарност, за сиот труд и пожртвуваност во изминатиов период. Токму затоа вработените во здравството кои се во првите борбени редови во битката со Ковид-19 ќе добијат награда од 20% од основната плата за 2 месеца.

Наградени ќе бидат сите вклучени во работата со пациентите заболени од коронавирусот, доктори, медицински сестри, но и болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош во сите Јавно здравствени институции, болниците, како и вработени во институтите каде се правеа испитувањата.

Како одговорна партија посветена на заштита на здравјето на граѓаните, СДСМ продолжува со мерки и политики што обезбедуваат ефикасен здравствен систем, вреднуван персонал и задоволни пациенти.

 

 

 

Back to top button
Close