СДСМ: Повлекувањето на Ленин Јовановски од протестите е само игра на ВМРО-ДПМНЕ


Од владејчката СДСМ велат дека повлекувањето на директорот на здружението, Ленин Јовановски од протестите е „само игра на ВМРО-ДПМНЕ“ и дека блокадите на Скопје и хаосот со јавниот превоз се политичка режија на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

„Заради лични и бизнис интереси, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во заложништво го држат главниот град. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги имаат сите механизми да ја прекинат блокадата и тоа треба да го сторат веднаш. Теророт врз граѓаните мора да престане веднаш, а Мицкоски треба да се сокрие од срам за тоа што свесно и намерно му го прави на градот“се наведува во кусото соопштение од СДСМ.
Директорот на „Слобода превоз“најави дека од денеска во целост се повлекува од својата улога во протестот на приватните превозници зашто, како што рече, не сака неговото име да биде изговор за нерешавањето на проблемот.

„Поради тоа што во изминатите денови секој ден се повеќе се споменува моето име Ленин Јовановски како клучен проблем и изговор на одредени и политички структури и интересни групи коишто се фокусираат на мене како личност и на ‘Слобода превоз’ и на некакви бизнис или лични интереси што исто така беа споменати во обраќањето на секретарот, јас од денеска во целост ќе се повлечам од мојата улога во овие протести за да помогнам и да не бидам изговор ниту јас ниту ‘Слобода превоз’ за нерешавањето на овој проблем“,изјави Јовановски.
Тој појасни дека „Слобода превоз“ и натаму ќе продолжи да постои, а тој ќе остане на директорската позиција на ова здружение за да ги застапува превозниците во започнатите судски постапки во однос на долгот од Градот Скопје.

Но, ќе продолжат и блокадите во главниот град.

Неговата изјава уследи откако генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, обвини дека блокадите во главниот град се поради политички и лични интереси на поединци.
Попладнево приватното претпријатието „Макекспрес превоз“ чии приватни превозници заедно со колегите од „Слобода превоз“ протестираат со блокада на повеќе скопски сообраќајници преку соопштение ги повика политиките партии да не го злоупотребуваат претпријатието и протестите за политички поени.

Воедно, сопственикот на „Макекспрес превоз“, Милорад Димитријевски, кој е потпишан на соопштението, ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да седне на преговарачка маса и да се најде решение за проблемот.
Додека траат протестите на приватните превозници, кои со блокада на скопските сообрајаќници бараат исплата на долг од ЈСП „Скопје“, секојдневно партиите лиферуваат меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за хаосот со јавниот превоз во главниот град.

И додека одговорноста за хаосот во Скопје власта ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска која ја имаше нивната поддршка на локалните избори, од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја бараат кај СДСМ, ДУИ и Левица чии кадри, како што велат од партијата, управуваат со хаосот продуциран од Арсовска и крими интересите на Ковачевски.

Back to top button
Close