СДСМ предупредува дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го партизира Советот за граѓански надзор: Ќе ни се повтори масовното прислушување

Можно е да ни се повтори масовно прислушување бидејќи владејачката ВМРО-ДПМНЕ целосно го партизира Советот за граѓански надзор, обвинува Љупчо Николовски од СДСМ, кој во изјава за „Слободен печат“ нагласува дека за тоа ќе ги алармира сите меѓународни претставништва и амбасади во земјава.

Советот за граѓански надзор е тело што ќе контролира дали институциите што смеат и можат да ги следат комуникациите, тоа го прават легално, следејќи ја законската процедура.

 

Комисијата за избори и именувања за претседател на Советот го предлага Илче Димовски, а за членови Мирче Стојков, Стојанче Рибарев, Никола Затуровски, Благоја Стојановски, Нафис Ќазимоски и Катерина Крстевска.

 

„Со грубо кршење на сите правила, Комисијата за избори и именувања предложи партиски луѓе за членови на Советот. Ова го стори без претходно доставен материјал, зашто материјалот ни го доставија пред почетокот на седницата, иако опфаќа биографии и пријави за вкупно 28 кандидати, што значи спротивно од Деловникот. Реагирав и барав оваа сериозна точка за утврдување на предлог-членови за Советот за граѓански надзор да биде одложена и сериозно да биде разгледана, но мнозинството не прифати“,вели Николовски за „Слободен печат“.

Според Николовски, од членови на Советот што се партиски послушници воопшто не може да се очекува дека ќе си ја вршат својата работа.

„Ние знаеме што поминавме во претходниот период, се спроведе и реформа на целокупниот сегмент и ова е тема каде што навистина нема простор за политики, за луѓе што не се целосно кредибилни, со највисок интегритет, обучени и ги поминале сите филтри и се експерти од таа област. Овие кандидати го исполнуваат само условот да имаат партиска книшка“, смета Николовски.

Советот за граѓански надзор е тело кое на барање на кој било граѓанин може да провери дали е нелегално прислушуван. Претходниот состав на Советот никогаш не профункционира.

Back to top button
Close