СДСМ: Пресудата за рушењето на „Космос“ е потврда дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија со тапија

Според владејачката партија, се потврдуваат индициите од „бомбите“ и велат дека Груевски е инспиратор на најголем дел од кривичните дела, додека Јанакиески е негов најревносен извршител. Исто така, го прозиваат и актуелниот лидер Мицкоски зашто не ги осудил криминалите

Денешната судска пресуда за предметот ТНТ за одмаздничкото рушење на „Космос“ уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија со тапија, реагираат од СДСМ откако во Основниот кривичен суд Скопје беше изречена осудителна пресуда.

Со пресудата, експремиерот Никола Груевски доби девет години затвор, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески – три, бившиот градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ Тони Трајковски – четири, а исто толку и градежна инспекторка во општината.

„Во случајот, на затворски казни се осудени веќе докажаните криминалци и повеќекратни осуденици, Никола Груевски и Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Пресуда по пресуда се потврдуваат сите индиции за сторени тешки криминали кои беа објавени преку проектот ’Вистината за Македонија‘, се потврдија наводите дека Никола Груевски е инспираторот на најголем дел од кривичните дела, а Миле Јанакиески негов најревносен извршител. Тоа е истиот Груевски кому Мицкоски отпрвин му беше советник по енергетика, а потоа и генерален секретар на партијата, истиот Груевски кој Мицкоски го инсталираше во фотелјата во Белиот дворец“,велат од СДСМ.

Оттаму го прозиваат и актуелниот партиски лидер Мицкоски зошто досега не го осудил криминалот на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека тој денес во Белата палата е опкружен токму со луѓе од режимот на Груевски кој сè уште ја раководи партијата од Будимпешта.

Back to top button
Close