СДСМ: Продажбата на парцели во Делчево води до обезбедувањето на Мицкоски
На површина излегува нов скандал во кои се поврзани функционери на ВМРО-ДПМНЕ, реагира денеска СДСМ во врска со случајот со препродажба на ниви во Делчево на „ЕВН електрани“ во кој, според владејачката партија, се вмешани лице од обезбедувањето на Христијан Мицкоски и советник во Општина Делчево.
Станува збор за случајот за кој Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, во соработка со Финансиската полиција води предистрага, а се однесува на тоа што лица купувале или како подарок зеле парцели во Делчево, а по неколку дена ги продавале на „ЕВН електрани“ за 40 пати повисоки суми.
„Меѓу лицата опфатени со предистражната постапка на Управата за финансиска полиција е и таткото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески. Според информациите од истрагата објавени во медиумите, едно од лицата кои препродало земјиште е и извесен Влатко И. кој е дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски. Другото лице кое препродавало ниви по 40 кратно повисоки цени е извесен Дарко Т. советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Делчево од 2013 до 2017 година. Мицкоски мора да одговори каква е неговата поврзаност и поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со овој скандал? Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања?“,
велат од СДСМ.