СДСМ: Само Мицкоски е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а седниците се обична фарса

Претседателот на ИК Мицкоски предлага нешто, на пример дека треба да се одржи референдум, па членот на ИК Мицкоски едногласно го поддржува предлогот – тоа е демократијата во Белата палата, велат од владејачката партија.

Според официјалните податоци само Христијан Мицкоски е член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат утрово од СДСМ споделувајќи линк од официјалната веб-страница на опозициската партија каде само тој е наведен како член на ова партиско тело.

Седниците на ИК, според социјалдемократите се обична фарса и на нив ништо не се одлучува туку само се исполнуваат желбите на Мицкоски.

„Очигледно проф. др. Христијан Мицкоски е толку сестрана и комплексна личност што може самиот тој да биде единствен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и негов претседател. Значи претседателот на ИК Мицкоски предлага нешто, на пример дека треба да се одржи референдум, ама сè уште не знае како треба да гласи прашањето, па членот на ИК Мицкоски едногласно го поддржува предлогот. Тоа е демократијата во Белата плата“ велат од СДСМ.

Реакциите од владејачката партија доаѓаат откако вчера ИК на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше и одлучи да ја поддржи иницијативата што ја најави Мицкоски за референдум за преговарачката рамка со ЕУ и спорот со Бугарија.

ВМРО-ДПМНЕ и синоќа по седницата, а и утрово најави дека за формулацијата на референдумот и прашањето допрва ќе почне консултации со експертската јавност и уверени се дека народот ќе каже „не“ на, како што велат, бугаризација на Македонија

Back to top button
Close